„Почувствувајте во себе и ќе видите – луѓето во Допелгангер не мора никој да ги испотепа, тие сами ќе се испотепаат... По еднаш во глава, по еднаш во стомак, нема јарци, нема ништо... Ако сакате, ќе се направам дека никогаш не сум слушнал за онаа грешка со островот и ќе ви најдам два исти такви јарци и тоа за многу поевтино па јадете ги, препродавајте ги, што сакате правете им... “

Брус Ли

 

 

 

Да се расчисти веднаш една забуна – овој Брус Ли нема никаква врска со оној Брус Ли што еднаш влезе во гнездото на змејот и никогаш не се врати. Овој Брус Ли е само обичен Кинез што го дружи Каубоецот каде тој и да оди. Доколку некогаш го видите осамениот ренџер како јава назад кон зајдисонцето, очекувајте да го видите и Брус Ли веднаш зад него, забрзан на својот едноставен велосипед. Што друго може да се каже за овој ситен жолт човек? Прво, дека иако делува целосно неугледно така задишан на своето помалку хомоеротско седиште, всушност тој е исклучително добар бизнисмен и е многу посериозен во својата работа од Каубоецот. Друго, дека и овој Брус Ли е луд по боречките стилови: кунг фу, капоера, сумо, кикбокс, бокс; нашиот Кинез е експерт во секој од нив (всушнот, тој е шампион и во ча-ча-ча, но тоа не се важи). „Сето тоа е убаво, но што бара тој во Допелгангер?“ некој ќе праша. Вистината е – Допелгангер него и не го интересира многу-многу. Единствената причина заради која тој се вртка наоколу е тоа што и Каубоецот се вртка наоколу, иако извесни црни гласови велат дека тоа е токму она што Брус Ли сака да го мислиме...