|
 |
 |
 |
Постои песничка за Децата од Гума:
„Ги витка и преобликува кој како сака/
Три деца од гума фатени рака под рака/
Тон полтрони, вуду кукла и пола граната/
Нека јаде кој колку му дојде/
Само мене салата/
Само мене салата...“
Децата од Гума го најдоа своето место во Допелгангер во приближно исто време со Мудрите Јарци, но тие никогаш не станаа ни приближно популарни како нивните „врсници“. Спорниот момент во врска со нив е техниката со која што овие вечни деца се послужија за да се најдат толку блиску до Кловнот во хиерархијата на циркусот. Така, додека сите останати во Допелгангер ’рмбаа и се потеа за да ги задржат своите бедни плати, трите деца постојано се влечеа во близина на човекот со маска, обидувајќи се да го насмеат на овој или оној начин. Се менуваа во се и сешто, облици какви што ниедна публика на светот нема видено кај човек: тибетски переци, оловни чадори, осмотски самострели, варански велосипеди, внатрешници од рачен часовник, електрични газели, машки тикатеми итн. Но, секој може да забележи дека дури и вака семоќни, децата со време му здодеаа на Кловнот и дека ваквата ситуација уште повеќе ја зголеми нивната гуменост. Веќе тешко е да се каже каде децата престануваат а нивната околина продолжува. Луѓе се сопнуваат од нив, газат врз нив и упаѓаат во нив, и иако изговорот е дека тоа никогаш не е намерно, вработените во Допелгангер се поцврсто се убедени дека децата се излезени надвор од секаква контрола. За жал или за среќа, досега никој не превземал ништо околу нив. Веројатно се чека на Кловнот да ја пресече гумената пајажина околу себе...
|
 |
|
 |