(тишина и длабоко-длабоко ехо некаде во далечина)  

 

„Како може циркусот да биде актер?“ ќе праша некој и прашањето ќе му биде целосно на место. Циркус како циркус би морал да биде нежив, уште еден објект во морето од стопени куќички и коцкасти облакордери. Но, само некој што никогаш не стапнал во Допелгангер би можел навистина да се сомнева во него.

За прв пат поставен во Атина во 1860 од страна на озлогласениот Прлигор Вилег, Кловн со сина крв, овој ист шатор ја има поминато земјината топка толку многу пати, што ни неговиот домашен баобаб не се сеќава кои земји сe ги посетил. Она што е сигурно е дека Допелгангер досега неколку пати се наоѓал сред воени конфликти, почнувајќи од востанието во Разлог, Бугарија од 1878 до српско-словенските судири во 1991. Иронично, место да се преполови или дури и распадне како што би било во нормални ситуации, овој циркус од секој конфликт излегувал со нови атракции. Една од нив се токму Мудрите Јарци.

Она што е, сепак, посебно интересно за Допелгангер е бројот на легенди и страшни приказни врзани за него и посебно за големиот сончев круг исцртан во основата на шаторот. Во многу од нив, претпоставката дека циркусот е жив организам се зема здраво за готово, неговите ѕидови и ходници делови од едно големо тело со своја визија за тоа каков треба да биде животот во оваа пустелија од планета. Некои од тие приказни се навраќаат на неколкуте „големи“ исчезнувања во историјата на циркусот, како оние на Самовилата и Топовското Бркле. Некои пак сметаат дека шаторот е еден неовоземски организам, наследство на марсовските колонии на Јупитер. Трети, дека циркусот ги менува мозочните бранови на секој што ќе мине низ него, дека ги преобликува своите посетители во војници за некаква си кауза и дека заради тоа Допелгангер мора да се растури што е можно побрзо...

Најморничава идеја од сите е, сепак, онаа што вели дека Допелгангер е токму она што неговото име и го обележува, сенишен двојник на некој друг циркус поставен на друго место во друго време. Како таков, тој и сите негови жители се само ликови во огледало, а не и вистински суштества од крв и месо. Замислете си го тоа: влегувате меѓу четири ѕида и се смеете и аплаудирате, а всушност гледате, слушате и дишете – празнина...

Дали сето тоа е вистина или не, никој не може да каже – во најдобар случај, човек може само да ги крене рамениците. Но, никој не смее да заборави дека Допелгангер не е она што се чини на прв поглед. Жив или не, тој најдобро знае што се одвива меѓу неговите ѕидови и којзнае, ако не може да ви каже што има на ум, можеби ќе може да ви покаже...