Постојат ох-толку-многу причини за да се мрази тоа мало човече со кука на јазикот што гмичи и квичи ко заклана свиња – Џуџето. Дали заради тоа што е исполнет со некој детски гнев па обожава да го мразат или пак затоа што постои некаков непријатен план зад сите негови бесмислено пакосни постапки, Џуџето е не трн во стапало туку цел кол набиен под опашната коска на Допелгангер. Кој сака да добие магарешко месо за ручек, камион со сто ненарачани марионети во човечка големина, или петарди во кесињата со пуканки? Дури ни публиката не ја сака неговата точка: кога ќе дојде редот на „расплаканите бебиња“ по цели секции од седиштата знаат да се испразнат и да не се пополнат до крајот на вечерта. По настап во Москва, Кловнот морал да одговара и кривично за оваа точка – бебињата искористени од страна на Џуџето биле предмет на трговија со органи и една исклучително ретка дрога, позната како „црно месо“.
Од друга страна, човек не може да не и се восхитува на тврдокорноста на тоа рекордно минијатурно суштество. Ако луѓе избегнуваат да се соочат со Кловнот, тие дефинитивно не избегнуваат да се соочат со Џуџето. Одвреме-навреме вработените на циркусот го шутираат наваму-натаму како казна за сторените недела, но Џуџето секогаш се враќа одново и секогаш со нешто сосема неочекувано. Откако Мудрите Јарци во една од своите сесии изјавиле дека „...не е неразумно тоа морално ниско суштество – Џуџето – да биде добро истриено со коприва...“, Џуџето во секоја нова сесија им крадело по еден бел топ и по еден црн ловец.
Сепак, може слободно да се каже дека ситуацијата на Џуџето е драстично сменета во однос на онаа од пред дваесетина години кога заедно со Кловнот допрва морале да си го пробиваат патот низ структурите на моќ во Допелгангер. Така, сакал некој денес да признае или не, постои оправдан страв од Џуџето и сето она што може да испадне од него. Според еден магионичар што сака да остане анонимен, нема сомнеж дека токму Џуџето е виновникот за исчезнувањето на Мудрите Јарци. Наводно, пред таа последна, седма сесија, неговите шепи до шаховската табла спуштиле книшка со наслов, „Јарец на 1001 начин“...