„Нормално, не сум воопшто изненадена од ваквиот тек на нештата. Уште кога дојдовме во оваа земја, во кристалната топка видов темница и страдање. Го опомнав Кловнот да не си игра со боговите и тој се заколна дека ќе превземе нешто, но никој не може да ја избегне сопствената судбина... Во следните неколку дена, се консултирав и со Мермерните богови и со Црвеното Око, и во топката ја видов Самовилата. Таа стоеше добро со јарците пред да исчезне и нејзината рака беше бела како шеќер. Да сум на ваше место би барала поврзаност меѓу нивните испарувања. А сега, парите на светло... “

Гатачката

Седната во најтемниот дел од шаторчето на самиот влез од циркусот, Гатачката е стара, грда и помалку дрска жена која никој не ја познава подалеку од нејзиниот рапаво мелодичен глас. Никој никогаш ја нема видено како влегува и излегува од шаторчето и мистерија е како воопшто тоа мало дувло се сели од место на место заедно со циркусот кога никој не е задолжен за него. Едноставно, една секунда го нема, следната го има, и обратно. Што е уште почудно е како тоа Гатачката успева да погоди одредени настани. Таа има предвидувано точни резултати од фудбалски мечеви, исходи на сапунски опери како и настани од најкрупна можна скала – мајските настани во Париз 1968, падот на јапонската берза во почетокот на ’90-те и исклучително познатиот импичмент на големиот Американец, Бил Клинтон, сите предвидени уште во педесетите. Заради вака убедливите резултати, Кловнот неколку пати се има обидено да ја придобие Гатачката на своја страна, но заради причини познати само на неа, таа секогаш го лаже, уништувајќи му цели планини од пари по пат. Гатачката знае многу нешта за јарците, иако според Камшикарот, таа никогаш не дошла и во директен допир со нив. Нејзината изјава пред полицијата е вистинита – пред седмиот настап на јарците, таа го има опомнато и Камшикарот да внимава на двата створа ако сака да си го сочува работното место. Дали тоа значи дека и нејзиното предвидување врзано за исходот од целата потрага е вистинито? Да видиме...