Да, јас бев во непосреден контакт со нив, но за разлика од другите животни што ги гледам од прцули и ги растам како да сум им татко и мајка, нив не ги познавав и немав никаква врска со нив. Јас бев само извршител - други им ја поставуваа шаховската табла пред настапот, други ја спремаа медовината што им ја носев и други ги носеа назад во нивните кафези. Мене ми беше забрането и да ги камшикувам. Добро, ми беше дозволено технички, но знаете... Други им ги крадеа и фигурите. Прашајте го Џуџето за тоа. За нивното исчезнување не знам ништо, не сум задолжен за тоа. Имам и алиби: тој цел ден го поминав во приколка со Расипаната Судијка, хехе...“

Камшикарот

 

Кротителот на диви животни, многу попознат како Камшикарот, е еден од оние типови што никој ни ги сака ни ги мрази. Всушност, ретко кој има било какво мислење за него. Тој едноставно е. Некогаш си ја извршува работата добро, некогаш не му тргнува се од рака, а некогаш не се ни нафаќа на работа и место тоа ја растресува приколката на Расипаната Судијка, актерката во најжешката точка во циркусот.

Причината што тој сепак котира високо во циркуската хиерархија е тоа што тој е единствениот роден и израснат во самиот циркус. Син на комунистички настроен бодибилдер и некогашната Жена со Брада (сега висок функционер во Парламентот на една балканска држава), Камшикарот уште од малечок бил фрлан да се снаоѓа како знае и умее меѓу тигри, крокодили и коали. Она што никој не можел да го предвиди е жилавоста на малиот – пред и официјално да биден именуван како кротител на животни, Камшикарот во самоодбрана убил две мексикански гризлија, еден калифорниски кондор, еден мисисипски алигатор, неколку јужноморски видри и три каспијски тигри. Се зборува дека некоја организација за заштита на ретките видови животни го ставила на својата црна листа и дека во следните неколку месеци тој ќе биде ликвидиран.

Но, Камшикарот се уште е најпотценуваниот човек во циркусот. Со оглед на својата позиција, тој бездруго знае многу повеќе отколку што покажува дека знае, нешто што некому би можело да користи, а некому да штети. Проблемот врзан за ова знаење е што Камшикарот смета дека никој не е вистински заинтересиран за она што тој има да го каже. Зошто да си го става вратот под гилотина за џабе, особено ако алтернатива на гилотината се нозете на Расипаната Судијка? Навистина, зошто...?