„Не сум баш најдобро запознаен со целата ситуација, но Кловнот и Џуџето ја уживаат мојата целосна поддршка проблемот да биде решен во најкраток можен рок и Мудрите Овци потворно да не забавуваат со нивните впечатливи забелешки. Исто така би морал да додадам дека штандот за сладолед во циркусот не ми се допаѓа оти сладоледџијата дискриминира по шарена основа и ако никој не мрдне со прст околу него, има да го скинам и око нема да ми трепне...“

Каубоецот

 

Некои го обвинуваат за идиотизам, а некои за снобизам, но на Каубоецот не му е гајле ни за едното ни за другото. А и зошто би му било? Си ги има коњот со ѕвездена грива и револверот со изгравирани пцовки и ниедно земно задоволство не е недостапно за неговиот џеб. Кога луѓе во него гледаат мегаломанијак богохулник што сака да го преобликува светот по својата слика, Каубоецот дели очила за кратковиди и самолепливи сликички со голи девојки. Каубоецот вели дека не е тој оној што на селаните во припустинските гратчиња им наредува како да ги носат своите черупки, туку селаните се оние што го прашуваат него што треба да прават за да бидат фраери како него. Сепак, да биде човек фер, кој не сака да тепа Индијанци? По се се чини, вработените во Допелгангер не сакаат. Иако Каубоецот се појавува само одвреме-навреме во циркусот и никогаш на повеќе од 5 минути, многумина сметаат дека тој има некаков црн план во врска со Циркусот и дека исчезнувањето на Мудрите Јарци е тесно поврзано со неговата желба да стане диктатор од светски калибар.