„ Тие два јарци се највредното нешто што овој циркус го поседувал во последните 60-ина години и барам од инстутициите да ги превземат сите можни мерки тие да бидат најдени, а злосторницте да бидат казнети свирепо. Не би сакал да избрзувам со заклучоци, но да, сметам дека тие јарци се киднапирани т.е. дека е невозможно самите да го напуштиле Допелгангер. Јасно ни е на сите нам дека условите за работа не се она што еднаш беа, дека минуваме низ лоши времиња, но исто така јасно ни е и дека превземаме се во наши раце ситуацијата да биде подобрена. Цврсто сум убеден дека јарците тоа го знаат...“

Кловнот

 

Тој можеби е циркускиот кловн, но тој никако не се однесува како таков. Не се смее и не плаче – ако точката тоа го бара од него, тој само ќе ја смени маската. Затоа, пак, Кловнот е водач на циркусот. Наредба врз наредба, сите освен Џуџето го слушаат колку и да е бесмислено она што тој го бара од нив. „Сакам секој од вас да изеде прамен коса или рака крзно, во зависност од тоа дали станува збор за човек или животно!“ и секој жив во циркусот, со исклучок на Џуџето, јаде прамен коса или рака крзно.

Кловнот само ја продолжува традицијата на Прлигор Вилег, основачот на Допелгангер, на чело од циркусот секогаш да стои кловн. Разликата меѓу Кловнот и неговите претходници е тоа што за прв пат не се знае кој е човекот зад маската, или уште поморничаво, дали тој воопшто и има нешто позади маската. Она што се знае е дека Кловнот некогаш бил сосема обичен работник во Допелгангер, чистач во лавовскиот кафез или гуштер-поттрчко на луѓето во големите приколки.

За прв пат Кловнот застанал на чело од циркусот во 1987 откако, поттикнат од своите тогашни пријатели и познаници, пред актуелниот Кловн ја изрецитирал следната песна:

„Јас сум дебел, јас сум слаб/ Јас сум старец, јас сум млад/ Во моите очи јас сум јагула/ До вечност издржана анафора/ Под моите прсти лазат скелети/ Сакавте голем водач, еве ви/ Немам ни срам ни перде да ве засакам/ Ни страв ко пита бурек да ве расечам/ Вие сте минато и ми сметате/ Симнете се сами да не летате/ Би ви кажал дека сте ми исти ко и сите други/ Би лажел – во вас, мили мои, гледам само слуги.“

Кловнот е се само не мрзлив. Ако нешто во циркусот не функционира, тоа не е затоа што тој не работи доволно за проблемот да се среди, туку затоа што тој проблем не стигнал на дневниот ред. Според Децата од Гума, „...Кловнот работи и премногу и навистина тажно е тоа што што и да направи, секогаш се наоѓаат такви што му замеруваат...“ Донекаде изјавата на децата може да се потврди и со следниот факт: речиси сите луѓе што работат моментално во циркусот се дојдени или пак останале тука заради него. За добро или за лошо, дури и Џуџето е тука заради него.

Една одлика на Кловнот што никому не е јасна, а која до некаде и може да се прости бидејќи секој има право на барем една нејасна одлика, е тоа што тој дозволува луѓе да го гледаат во најразлични расположенија. Отворено посакување нечија смрт, славење по победа на циркускиот фудбалски тим, кодошко мрчење на кловновската Тркалезна Маса, шлапкање со јазикот во близина на Расипаната Судијка, заканување со компјутерски вируси, фаќање сеир по замрсување на забите на Децата од Гума, и што уште не; Кловнот е забележан како ужива во секоја од овие активности. Друга карактеристика на Кловнот ги мачи вработените во Допелгангер: мекоста на Кловнот кога станува збор за Партизанот и Каубоецот. И навистина – зошто Партизанот и Каубоецот имаат неограничен пристап во Допелгангер? Интерес? Каков?

Кога станува збор за Мудрите Јарци, Кловнот е одговорниот зад нивниот настап – тој ги има купено и тој ја има поставено нивната точка каква што светот ја знае денес. Она што некои, сепак, го коментираат е дека односите меѓу Кловнот и Мудрите Јарци не биле баш најдобри во последно време. Пред да дојдат во овој град, Кловнот и директно им се заканил на јарците дека ако набрзо не станат поинтересни, ќе ги заколел и изел со прелив од карфиол. Дали ова има некаква врска со исчезнувањето на двата јарци, останува да видиме.