„Ако ја читате оваа порака, нешто се случило...“

Мудрите Јарци

 

Два мудри јарци, најмудри на свет. Не се знае ни од каде доаѓаат ни каде одат, но се знае што тие претставуваа за она малку време што го поминаа како главна атракција на светски познатиот циркус Допелгангер. Кусоноги и неименувани, прочитајте го внимателно она што следи, бидејќи постои многу добра причина зошто овие два створа му се толку битни на НМП.

Во брошурата на Допелгангер пишува дека „...Мудрите Јарци потекнуваат од еднаш големиот вид Бели Јарци познати по разум и моќ на говор какви што ниедно друго животно не поседува. Со оглед на тоа што во моментов никаде не се забележани други претставници на овој вид, може слободно да се каже дека нашите два примероци се последните Мудри Јарци што светот ќе ги види било кога...“ Дали овој кус извадок е искрен или пак претставува само медиумска патка, не може да се потврди, бидејќи ниеден биолошки институт не го признава постоењето на Мудрите Јарци, па не се води никаква евиденција за други можни припадници на овој неверојатно интересен вид.

Мудрите Јарци околу кои што се води оваа полициска истрага се откриени во 1993 на границата меѓу тогашна Југославија и Романија и веднаш продадени и препродадени на хиперразвиениот источноевропски Црн Пазар. Кловнот тврди дека ги купил сосема легално истата година, при гостувањето на Допелгангер во Варшава, Полска, и дека уште тогаш јарците можеле течно да комуницираат на неколку светски јазици, но само по потреба. Особено интересно нешто што Кловнот го забележал е дека јарците знаеле неколку англиски акценти – австралиски, американски и канадски – но не и чисто британски.

Точката што Кловнот ја составил околу јарците уште тогаш и која не ја менувал потоа со години била многу едноставна. Сред сцена ќе ги поставел јарците со турска шаховска табла меѓу нив и по неколку потези, ќе го прател Камшикарот да им однесе медовина. По една чаша медовина, јарците веднаш се отварале и зборувале за се и сешто што им доаѓало на ум, од начини на диплење пелени, до предвидувања во врска со Њујоршката стоковна берза до философиите на Дерида. Секако, публиката никогаш не можела да ги прати јарците во нивниот говор, но тоа не било никому ни потребно, бидејќи говорот на јарците бил спектакуларен сам по себе.

И секако, тука доаѓаме до нивното исчезнување од пред неколку дена. Како што веќе е спомнато, по седум настапи во Скопје, секој од нив се поинтензивен и поинтензивен (последниот од нив базиран на непријатната легенда за Ѓаволестиот Микро-глушец), јарците едноставно исчезнале без трага и глас. Не се знае се уште дали јарците избегале или се киднапирани со цел да се бара откуп, па од таму не станува збор ни за осомничени. Сепак, во јавноста веќе кружат неколку шпекулации, најгласната од кои претпоставува дека Кловнот, Џуџето и Каубоецот имаат таен договор меѓу нив за исклучетлно висок трансфер на овие два примероци...