„Случаи како овој со јарците немаше пред падот на Берлинскиот Ѕид. Тогаш сите се сакавме и никој никому не мислеше зло. Сите пеевме и пиевме во наше име и во името на нашите земји, а децата наши беа радосни и имаа иднина. Бевме силни, така сите заедно. Ништо лично против Каубоецот, ама сметам дека тој има замешано прсти во целава ситуација. Нешто премногу се врти околу шаторот во последно време, исто како што и оние копиљи и свињи ни се врткаа околу куќите пред десетина години, односно пред сево ова да се случи…“

Партизанот

 

Сите го сакаат Партизанот, тој херој накитен со ордени и опсипан со илјада конфети. Видете му ја насмевката, слушнете му го златниот збор, почувствувајте ја топлината на неговата ѕвезда водилка – човек како него се раѓа еднаш во сто сатурнови револуции. Не е нималку чудно тоа што Кловнот така му се клања, тоа што Џуџето од него се плаши, тоа што кога тој застанува на влезот од Допелгангер, цел циркус застанува со работата и со усните посегнува по прстенот на неговата дланка.

Да, одамна заврши таа војна, и да, цветот на светот денес е само испукана лијана, но со такви дела зад себе, човек никогаш не смее да биде помалку од бог. Колку греши секој што и за миг ќе погледне косо кон неговите бели заби – тој гниел во февруарска кал за нас, тој убивал за нас и бил убиван за нас, се хранел со шрапнели и измислувал нови изуми за нас, тој градел патишта, пруги и статуи за нас, да не претераме, но може слободно да се каже дека тој го живеел својот живот за нас и само за нас. А погледнете – делува неуморно кака вчера да е роден!

Всушност, ако постои еден единствен човек што може да го загрози местото на Кловнот под циркускиот кров, тогаш тоа е Партизанот. Ако Партизанот некогаш нареди збор против Кловнот, нема човек во Допелгангер што без секунда размислување ќе се фрли против маскираниот; оние што се искрени кон себе, би дошепнале дека вработените само на тој збор и чекаат. Но, Партизанот се уште не му се спротивставил на Кловнот – со секоја нова претстава на циркусот тој само делува се понасмеано и понасмеано, како Кловнот и навистина да е смешен. Можеби затоа Мудрите Јарци изјавија дека се сомневаат во идентитетот на Партизанот оној ден пред да исчезнат... (а можеби затоа јарците и исчезнаа?)