(недостапна за изјава, и околу нејзиното исчезнување се води истрага)

 

Со секој нов ден, човек се помалку и помалку се сеќава на некогашната кралица на Допелгангер, вечно младата Самовила. За прв пат откриена на трапезите на циркусот МСМ во Австрија, Самовилата била генијален акробат што во секое свое движење издишувала цели галаксии елеганција. Нејзиниот лесен од по жица, тродуплото салто мортале и конечното прелетување од еден до друг крај на шаторот никогаш не ја оставале публиката рамнодушна. Дури и Кловнот и се восхитувал на секоја нејзина постапка.

Но, Самовилата не била среќна. Секогаш тивка, таа се дружела со циркузантите само пред нејзиниот настап, смешкајќи се љубезно на сите досетки и „неосновани новини“ на Двоглавиот Јаким и октетот Нагиздени, за веднаш по финалната точка да одлета назад во својата приколка. Од каде незадоволниот израз на лицето на Самовилата, никој не знае – таа никогаш не се пожалила на ништо. Некои шпекулираат дека Самовилата тажела по своите родители, загинати во тежок земјотрес, но други пак велат дека тоа е неможно, бидејќи нејзин татко било самото Сонце.

Единствени вистински пријатели на Самовилата биле Мудрите Јарци. Со денови тие седеле заедно во мртва тишина и играле шах на накрсна табла. Никој никогаш не победувал и никој никогаш не губел, а нови партии почнувале секогаш кога некој од нив ќе плеснел со дланките или копитата. Игрите меѓу нив биле толку возбудливи, велат некои, што долго се верувало дека секој што ќе ги затекнел сред партија во тек, ослепувал од нивната силна светлина. Сето тоа, сепак, завршило дента кога Самовилата исчезнала. Што имале јарците да кажат за нејзиното исчезнување останува мистерија – според некои, јарците не ни забележале дека Самовилата е отсутна и дека доколку Џуџето не им ја украдело накрсната табла, тие се уште би играле шах за три играчи. Според други, ваквата јарешка тишина околу Самовилата само сведочела за тешкиот шок што го истрпеле овие два бесценети створа...