Во поликлиниката на заборавот
Две деца со лижавчиња во устите
Ја набљудуваат дебелата тетка
Што има кармин размачкан
Преку целото нејзино лице.
Едното дете, Мишка, се смее
Покажувајќи ги обоените запчиња.
Другото, Глишка, размислува за смислата
На општата вистина.
До дебелата тетка лежи старец
Избразден со ножот на времето
Кој се сеќава на својата младост кога
Како детенце се шетал низ поликлиники
Лижејќи бомбони, набљудувајќи старци.
Еден Морлок влегува во студената соба
Замислен, веројатно разочаран од се.
Неговите усни мумлаат одвратно
Но старецот го разбира.
„Глишка,“ вели тој, живиот мртовец
„Мишка,“ вели чудовиштето од иднината.
А децата збунето се погледнуваат.
|