На самиот почеток од есента 2006, во Скопје допатува циркусот Европа. Првото нешто што го возбуди НМП околу овој помалку мистериозен караван беше веста дека во циркусот работи извесен Роман Сарески, човек кој своевремено работел како техничар во Допелгангер и бил во близок контакт со Мудрите Јарци. Во обид да откријат нешто повеќе за овој патник, нашите херои Иван Ивановски и ентитетот „Слободан Јаќоски“ завршија меѓу љубезните циркузанти на Европа, собирајќи купче фотки од нивниот настап, како и интервју со симпатичниот менаџер на циркусот, кој за среќа или несреќа, остана безимен. Она што следи се зборовите на менаџерот (оригинално на српски), на моменти рапави со кашлица, а на моменти полни со опиплива љубов кон патувачкиот шатор и креатурите во него. Вака почнува неговата приказна...
Циркусот Европа е огранок на циркусот Корлеоне кој постои од 1702 година. Циркусот Корлеоне го основал еден Пољак и сегашниот газда на циркусот, Милан Слива со потекло е од Полска, некаде околу областа на Краков. Тој е седма генерација која го води циркусот од колено на колено, а и неговите деца еден ден ќе продолжат тука да работат. Јас не сум роден во циркусот, туку случајно залутав тука, и еве веќе 10-та година работам како организатор. Значи, комплетна организација, се што треба да се направи за циркусот да дојде во градот: од набавка на локацијата од општината и градоначалникот, до струја, електродистрибуција, комунална инспекција, сите можни хартии од сообраќајната полиција за подготвување на јавен собир. Сите тие хартии треба да се соберат за циркусот да може да настапува. Тоа е една доста сложена работа – не е само така како што се мисли, онака, само циркус. Тоа е една мала, но сериозна фирма. Броиме околу 70 членови од разни земји: Италија, Чешка, Полска, Унгарија, Германија, Бугарија и сите бивши републики од стара Југославија. Добро се сложуваме, живееме како едно семејство, мора да се знае редот, работата и мирот, главниот е главен, тој човек, хе... значи мораме него да го слушаме.
НМП: Нешто повеќе за историјата на циркусот.
Значи, циркусот патувал по цела Европа и тоа во време кога не постоеле камиони, туку се одело со кочии и коњи од град во град. Но, таму некаде во ’40-тите, кога избила Втората Светска војна, скоро сите циркуси се задржале таму каде што биле во тој момент. Овој циркус заглавил во Војводина. Војната ги блокирала, Германците и кој се таму војувал... Таму е и роден сегашниот газда на циркусот – во Бечеј, Војводина. Татко му е Пољак, мајка му е Унгарка, баба му е Германка, а дедо му е Италијанец. Тоа во циркусот е, хе-хе, така измешано, што скоро никој овде нема некоја националност. Обично се работи фамилијарно и скоро сите артисти кои работат овде работат фамилијарно. Да кажеме за 90% од нив, нивните родители работеле во циркусите по светот, па сега нивните деца, превзеле, научиле некои точки...
НМП: А како се зачленуваат нови луѓе? Како се зачленивте вие?
Секогаш има нови луѓе, секогаш има некој на кој ќе му се допадне во циркусот и ќе остане, така што протокот на луѓе е многу голем, особено техничкиот персонал. Артистите работат фамилијарно, но техничкиот персонал за монтажа постојано циркулира. Јас сакам да патувам, и таму некаде, ’95-та или ’96-та година, случајно налетав на циркусот. Бараа работници, и јас, млад, луд, ајде да се обидам, зошто знам дека доста се патува. Не беше баш така лесно на почетокот, треба да се навикнеш на тоа дека 8 месеци си на пат, 4 месеци дома – фамилијата ти е на едно место, а ти патуваш... насекаде.
НМП: Зошто се вика циркус Европа?
Оваа година го нарековме циркус Европа, затоа што имаме многу артисти од Европа... Ние сме европски циркус, има од скоро 10 земји, европски држави.
НМП: Главни атракции на циркусот?
Што се однесува до циркусот Европа, главни фаворити се слоницата Лили и воздушните акробати, а останатите точки исто не се лоши. Инаку, Лили не е само циркуска ѕвезда, таа глумеше во неколку филмови. Еден од филмовите во кои глумеше е Underground на Емир Кустурица. Таму се појавува на почетокот на филмот, кога беше она бомбардирањето, па на Лазар Ристовски му ги украде чевлите од прозорот. Тоа беше таа. Инаку, многу питом слон, никогаш не е врзан, оградена е со две врвки, чисто колку да знае дека тоа е нејзино, и тука шета. Сака деца и многу е послушна. Тој човек што работи со неа, што било да и каже, таа без приговор извршува. Јас тоа во живот го немам видено. Ти му кажуваш на слонот, “Дојди ваму!” и тој точно доаѓа до тебе и застанува. Како разбира, не знам.
НМП: Живот на циркусот, вон претставата?
Знаеш тоа како го викаме ние? Претставата не е циркус. Се вон претставата е циркусот. Работниот ден почнува во 7 часот наутро, стануваме, пиеме кафе, седнуваме и се договараме што треба да се работи за тој ден. Луѓето кои се задолжени за животните одат и ги средуваат животните, ги чистат, напојуваат, хранат, ги средуваат кафезите. Луѓето кои се задолжени за возилата ги средуваат возилата. Има 25 камиони – треба да се прегледа водата, маслото, гумите и сл. Браварите работат браварија... Целото претпладне има некаква работа која се работи. Тоа трае до 2 часот, потоа ручек, одмор пред претставата, почнува претставата во 6, значи во 5 сите тука се подготвени за претставата, 4 часа траат претставите, а потоа шетање во град.
НМП: Како ве прима публиката?
Публиката е главно иста во сите земји. Публиката за циркусот се децата. Ако децата навалат, тогаш има посети, ако децата не се за во циркус, тогаш нема... Додека има деца, ќе постои и циркусот. Децата треба да се порадуваат, треба да бидат задоволни... Нема некој голем просперитет, но за живот, за животарење има... Значи додека има деца. Сега е малку тешко, секаде на овие простори на кои живееме народот нема пари, и сите сакаат да дојдат во циркус, ама на крајот се одлучуваат за нешто трето. Што се однесува на публиката што го посетува циркусот, таа е секогаш задоволна.
НМП: Награди?
Оваа година не. Сите циркуси во светот секои 7-8 месеци ја менуваат поставата на глумци, артисти и изведувачи, затоа што сите циркуси одат на некоја одредена територија. Ние претежно работиме на Балканот: бивша Југославија, Бугарија, Грција и така... Италијанците работат во Италија, Германците во Германија, Французите во Франција... Европа има доста циркуси и скоро сите имаат некој свој регион во кој работат. Се случува некогаш ние да се исфрлиме таму, а тие да се исфрлат тука, за публиката да не биде презаситена. Ако доаѓаш во еден ист град секоја година, со иста програма, можеш да работиш една година, можеш да работиш втора година, и веќе никогаш. Мора да ја менуваш програмата секои 7 месеци и секоја зима ангажираш нови артисти. Минатата година имавме една воздушна точка – салто скокачи, Бугари – тие пред три години го освоија Златниот Кловн на фестивалот во Монте Карло. Тој фестивал во Монте Карло е најпрестижниот фестивал. Значи, не секоја година, но секоја втора или трета се обидуваш да привлечеш некој, некоја трупа која освоила некоја награда за да ја пополниш програмата. Оваа година се одлучивме повеќе за животни, а помалку за артисти, а следната година ќе имаме повеќе артисти, а помалку животни, бидејќи за животните проблем е тоа што сите сакаме во Европа, а во Европа животните се забранети во циркус, со исклучок на коњи, змии и... па, тоа е се.
НМП: Какви животни имате?
Па овака, имаш: австралиски мравојад, тоа еден вид сличен на мала мечка – коати, црни мечки, сибирски тигар, поларна мечка, не е бела, туку поларна, таму е затворен канадски волк, има змии, мајмуни, јужноамерикански лами, по два-три вида коњи, шпански андалузери...
НМП: Рандом муабет. Анегдоти? Доаѓа ќелав крупен човек со цинична насмевка...?
Тој е роден во циркусот. Тој е еден, ха-ха, еден од членовите на фамилијата, тој е братучед на сопственикот на циркусот, а и сам имал два до три циркуси. И неговиот татко, и неговиот дедо, и тој, така што, за разлика од мене, тој има милијарда анегдоти... (следува убедување со човекот да каже нешто, ама човекот е срамежлив ). Тој го заработи ова (покажува на лузна на лицето), како каскадер на мотор на оној Бигфут со големи автомобили... Ајде кажи нешто... („Не можам да зборувам“) Не лажи, хе-хе. Тој има полно анегдоти, ама не смеам да зборувам, ќе ме убие, ха-ха...
Има полно анегдоти, на пример кога ни побегна слонот. Во Сараево. И тоа беше навистина анегдота која ха-ха, скапо, скапо не чинеше. Не овој слон, поранешниот слон кој умре пред 2 години. Една ноќ, што знам што му беше, изгледа му се здосадило од едно место, и стана да прошета по Сараево. Дежурниот кој беше таму не можеше да го спречи. Слонот тргна кон центарот на градот, по пат изгази неколку автомобили, не беше нешто страшно. Дојде до некој хотел, не се сеќавам кој, беше околу 3 часот. Имаше од оние врати што се вртат во круг, лево и десно стаклени излози, пројде низ десниот излог, отиде до рецепционерот и таму застана. Човекот спиеше. Ги отвари очите човекот и виде, ха-ха, слон пред него, па ги протри очите. Гледаше зачудено. Слонот само си стана, се сврти и се врати – не од истиот излог од каде дојде туку го скрши и другиот излог – и се врати некаде во близината на циркусот, каде што потоа конечно го фативме. Потоа имаше судење, комично како и сета случка. За сведочењето на, ха-ха, тој рецепционерот... мислеле дека е пијан. Сабајлето кога им зборувал таму, слон, во центарот на градот, во хотелот, ха-ха... Така што тоа задоволство многу скапо не чинеше, штетата беше голема. Тој хотел беше нешто пред или после Зимската Олимпијада во Сараево изграден, нов, Холидеј Ин, или што знам...
НМП: Кое прашање да ви го поставиме за да не фрлите на тигарот?
Како, како, како? Кое прашање ти да ми го поставиш за да те фрлам на тигарот? Не знам, што и да направам, тигрицата нема ништо да ти направи, толку е мирна и питома, што...
НМП: Сибирски тигар?!
Да, ако не е изнервирана и не е гладна, попитома е и од обична мачка.
НМП: Сибирските имаат репутација дека нешто се побесни од другите тигри...
Ако го изнервираш, тогаш... Ја гледаш ли оваа мала мечка овде? И требаше месец дена да го изнервира тигарот, месец дена го малтретираше, го удираше со шепата по глава, му ги гризеше ушите, а тигарот воопшто не реагираше. И по месец дена се изнервира, и еднаш само вака ја удри со шепата, ја залепи на другата страна на кафезот, и мечката седеше онака, како во нокдаун, хаха... Не знаеше што и се случило. А инаку, кога беше помала мечката, има горе една дупка во кафезот, се префрлаше преку неа во кафезот на тигарот. Го малтретираше, и нормално, тој ќе побегне на едната страна на кафезот, мечката доаѓа на неговото место, го брка и си легнува, а овој не ја ни допира... Се до тој ден, нели. Сега повторно го закача, но со доза на внимателност.
НМП: A за прашањето?
Па не знам, мене можеш да ме прашаш што сакаш. Нема некое прашање што би ме изнервирало... Досега ми поставувале некои културни прашања, така што не знам... Само, не им приоѓај на овие црните мечки... тие се стварно бесни. Гледаш како е искривена шипката...
НМП: А што точки имате со нив?
Моментално ништо, зошто друштвото за заштита на животни во Србија ни забрани. Пола од овој циркус е од Србија, пола од Унгарија – мечките се од Србија, па сакаме да влеземе во Европа, знаеш, и прво го воведовме тој закон за заштита на животни. Друштвата за заштита на животните имаат доста глас и доста права и едноставно издејствуваа животните да не можат да бидат на претставата. Едвај ги добивме документите за да ги држиме вака. А никаде во Европа веќе нема дресура на опасни животни, ни тигри, ни мечки, ништо што е крволочно не може да оди на претстава. Тие сметаат дека за тие животни да работат треба да бидат мачени, што не е вистина. За да го научиш овој тигар да работи, мора да бидеш со него од малечко, мора да спие со тебе, мора да го раниш, мора да знае не дека зависи од тебе, туку дека си ти тој што е секогаш покрај него. А кога ќе почнеш да го тренираш за точките, не можеш на сила, зошто еден ден таа сила ќе ти се врати со сила. А тој е многу појак од тебе. И секогаш одиш по линијата на помал отпор – ќе го натераш нешто да направи, и после ќе го наградиш, со парче месо итн. И така тој после некое време ќе сфати дека кога ќе направи нешто како што треба, ќе биде награден.
А точките секогаш се по шаблон, едно исто. Овој слон, 40 години работи една точка, значи на него дресерот скоро воопшто не му е потребен. Штом завесата ќе се отвори, тој влегува внатре и точно знае што треба да направи. Дресерот е тука ако животното нешто наводно заборави или сака да скрати, па да го опомене дека точката не е завршена. Неколку пати се случи дресерот да заборави и да сака да скрати, меѓутоа, конкретно слоницата Лили, точно го знае редоследот и продолжува до крај. Меѓутоа на луѓето од друштвата за заштита на животни, тоа не им значи ништо, тие сметаат дека тоа е камшикување, струјни шокови, ова-она за животните да се дресираат... Тоа не е точно. Сите животни се злопамтила, и тие ќе начекаат еден момент на твое невнимание да ти се осветат. Ако јас зависам од животното, ако влегувам да работам со него, ако знам дека е на пола метар од мене без никаква заштита – па нормално дека ќе работам со него со некое почитување. Но добро, секогаш мора да се знае кој е “постариот”. Тие животни никогаш не смеат да осетат дека со појаки од човекот. Човекот е тој кој психички треба да им даде до знаење дека тој е газдата.
Нам ни се случи пред 10 години... Еден човек работеше со три лава во претставата. Еден лав, не знам после колку години, ете, нешто му се поместило во главата, и го гризна насред дланката, го закачи силно, му откина два прсти... насред точка! Човекот не застана. Само го скина ракавот од кошулата, ја завитка раката и ја заврши целата точка до крајот. Потоа излезе надвор и отиде до болница каде што му ја зашија раката. Кога се врати, го казни тој лав. После ние го прашуваме, човеку изгуби пола литар крв и продолжи, и тој вели, „Ако тогаш застанев и ја прекинев точката, секој нареден пат кога ќе дојдеме до тој момент, лавот повторно би го направил тоа, сметајќи дека ако ме удри, јас ќе ја прекинам точката, со тоа што можеби нема да ме касне по рака, туку по глава“. И така, морав да завршам за да тоа не му успее. Значи, животните не се глупави...
НМП: Нели мислите дека малце е хипокризија да се прават експерименти со животни, а истовремено да се забрануваат точки со животни во циркус?
Сите тие експерименти се главно под покровителство на владите и таму друштвата за права на животните немаат аргументи. Е сега не можат таму, па сега ајде удри таму каде што можеш, повторно по линија на помал отпор. Овој тигар добива три пати дневно храна, не мора да оди да лови, не мора да се мачи и гладува. Да, точно е дека тоа не се природни услови, но ако овој тигар, или оваа мечка, или било кое животно од циркусот го пуштиш во природа, јас ти гарантирам дека нема да издржи повеќе од 3 дена. Овие животни речиси го изгубиле инстинктот за лов. Ова не се животни донесени од Африка, тие веќе неколку генерации се раѓаат по некои зоолошки градини или во некој друг циркус, значи, нивните предци којзнае колку време живеат во тој затворен простор. А, тие се борат да ги пуштиме во природа – а сигурно е дека тие нема да преживеат долго време таму.
Дали знаеш дека циркусот е најстарата уметност? Не постои постара уметност на светот. Уште во добата на Римјаните, пред нашата ера, постоеле патувачки забавувачи. Не се викале циркуси, но работеле се што се работи во циркусот – жонглирале, оделе на штаки, дресирале животни, работеле со змии. Со текот на времето, останатите уметности еволуирале од циркуската уметност, и избиле во прв план, додека циркусите и понатаму останале таа патувачка дружина која оди од град во град за да развеселува луѓе. Додуше, сега и тие се организирани. Во светот има 4 големи циркуски центри – во Русија два, и во Кина два, каде постојат факултети за циркуски артисти. Не можеш да работиш таму ако немаш завршено факултет. Во Русија, на пример, факултетот е нешто како нашиот ДИФ, за спорт и култура – таму има акробатски дел и други точки – магионичари, илузионисти... И многу, многу е строга контролата. Школувањето трае околу 5 години и тоа не само школа за ти да научиш некоја точка, туку треба да научиш како да се однесуваш внатре, костимографија, режија, музика... Кога ќе ја завршиш таа школа можеш да работиш во било кој циркус во светот.
И ние настојуваме да се прилагодуваме кон светските трендови, и ги преферираме оние кои освен средно школо имаат и факултет. Ние имаме тука едно момче што работи акробатика, тој бил кошаркар во НБА. Го повредил коленото и не можел повеќе да се бави со кошарка, па сега со сестра му работат акробатика. Ние го викаме Банди. Младо е момчето, не е некоја позната НБА ѕвезда, ама играше таму година-две и се врати...
НМП: Современиот циркус и уметноста?
Има полно уметници кои се враќаат на циркусот. Во Германија постои циркусот Флик Флак; него го основал човек кој нема никаква врска со циркусот. Тој бил филмски сценограф, работел по филмови, и во еден момент веројатно тоа му здосадило и решил да купи циркус. Купил циркуски шатор кој е наполно црн. Внатре направил посебна сценографија... Тој е еден од најпосетените циркуси во светот. Таму нема ниту едно животно. Картите се распродадени по месец дена однапред. Човекот пренел нешто од квалитетот на својата уметност во циркусот, научил нешто од луѓето во циркусот и направил некакво... совршенство.
// Ќелавиот тип зборува за Флик Флак //
Тој Флик Флак е замислен како нешто... сатанско. Сите се облечени како некакви ѓаволи и демони, на таа карта играат.
// Продолжува нашиот човек //
70% од артистите кои работат таму освоиле некоја награда на Монте Карло. Секогаш, првите тројца одат кај него, и тој бира што му се допаѓа. Но, работат во костими кои тој ќе им ги избере за да се вклопат во декорацијата која тој ја направил.
НМП: Cirque de Soleil?
Ова е нешто слично, но многу поделикатно. И Циркусот на Сонцето, исто така, не е класичен циркус, таму водителите повеќе пеат... таму и асистентите во претставата, имаат еден вид на точка.... Никој не може да се појави на сцена, а да не е во некој костим. Тоа е нешто што е над циркускиот стандард. Малку се чудни, но симпатични, па проаѓаат. И тие се распродадени однапред каде и да гостуваат.
НМП: Нешто за крај? Иван филозофира дека циркусот е почеток на уметноста...
Светот оди напред, така што и циркусот мора да оди напред. Тука сега се воведени и некои ефекти и музика кои се поврзани на компјутер, тоа некогаш не било... Само осветли ја арената за да се гледа што се случува и толку. Сега треба да се води сметка за боите, дали таа боја одговара со таа точка и слично, дали за некоја точка треба посилно или потемно светло... За се тоа мора да се води сметка. Значи, циркусот е многу комплицирана работа, особено што секој работи по две-три работи... Кога секој би ја работел само својата работа, ова би било фирма од 500 вработени...
Во секој случај, мене ми се допаѓа. Бев на милион места на кои ни на крај памет не сум помислил дека ќе бидам. Навистина не ми е жал. Малку ми е тешко што сум одвоен од фамилијата, но јас сум свесен дека детето мора да оди на школо. На распустот е тука, во зима јас сум таму, и така, малку ќе се видиме, па малку нема да се видиме, па малку ќе се видиме... и така... хе-хе...
// Тука некаде, од страна се исфрлаат пар циркузанти што ги зграбуваат Иван и „Јаќоски“ за рамења и потоа ги фрлаат право во кафезот на бесните мечки. Како се извлекле од таму, ниеден од нив не сака да каже... //