Ден 2  
 
 
 
 

 

Ален Корбин, детектив:

Вториот настап на Мудрите Јарци завршува со прашањето, „Дали ќе паднеме или ќе не бутнат?“ Локалната полиција комплетно ја игнорира оваа забелешка, но таа речиси сигурно значи дека јарците знаеле што ги чека. Пред настапот имало викотници во шаторот на Мудрите Јарци, но не се знае чив е гласот. Осомничени се единствено Децата од Гума и Партизанот, бидејќи сите други биле или ангажирани околу точката во тек или – како во случајот на Мечката и Гатачката – се по природа неподвижни. Пар интересни моменти во дијалогот на јарците се појавувањето на Брус Ли кој технички нема никаква врска со Допелгангер и апокалиптичкото претскажување на Гатачката кое посочува на еден вид култ кон Допелгангер, нешто што дефинитивно мора да се испита. Прашањата за Кловнот и Снегорог од претходниот ден остануваат неодговорени... или можеби само така се чини?

КЛОВНОТ: Дами и господа... како сте ми? Хи-хи, јас ко компот од гласачки ливчиња... Значи, дами и господа, со големо задоволство ви ја прикажуваме точката што го прослави Допелгангер ширум светот. Потомци на некогаш големата раса бели јарци изгубена во највисоките предели на Хималаите, следат легендарните Муууууудри Јаааааарци! (ракоплескање)

ДЕСНИОТ ЈАРЕЦ: Аах, добра медовина... (воздишки во публиката и аплауз) Чиста амброзија, ти велам, Кловнот знае што да одбере... Значи ми кажа имаш предизвик приказна за мене...

ЛЕВИОТ ЈАРЕЦ: Во јазикот на секоја овца се крие по една бубачка. (гласен шепот) Јас ја викам врескач, како лик од некој научно-фантастичен филм. Многу клучни знаења за врескачот не ни се достапни, но едно е сигурно – врескачот има само една намена. Погоди која? (аплаузот продолжува, се слуша: Тишина! Не слушам ама баш ништо!) Тооокму така, да вреска, ушите да му ги пукне на човек. Замисли си: доаѓа ниедно време, сите пилиња во градот заспале и наеднаш се слуша измачен вресок што пробива дрво и камен. Се буди се живо со бесен прашалник во воздухот и крв по образите. А вресокот уште се слуша и болиболиболи. Кој би можел да вреска во ова време – невреме? И уште побитно – зошто? Некој волк ли им покажал заби на овците? Овчарот да не паднал во река дрво пијан, па да си ја расцепал главата? Допелгангер да не дошол во градот?

Д.Ј.: Пффт... Овците нема да ги познаат тие бош-малери ако лично не ги засегаат. Се додека има трева за пасење се е расцветано и розево шуби-дуби, па нека се отвори и меѓудимензиска порта за влез на галактосаурите во нашето село. (смеење)

Л.Ј.: Значи, врескачите врескаат оти немаат трева. Тревните пространства и нивните слики се во господарски раце... А се знае како се станува господар во главата и колковите. За тоа ти треба едно слатко сочно дебело кесе полно со пари и едно куче ко Камшикарот да ги строи овците во стадо. Добро, не мора кучето да биде воопшто агресивно... Од Џина Лолобриџида до вашата омилена старлета во моментот, нели е супер тоа што во секое време има некоја хормонална инекција да ве држи на место?

Д.Ј: Нема пак да ми докажуваш дека парите како општествена конструкција му претходат на егото? Веќе ми должиш едно копито за тоа. (кикотење)

Л.Ј.: Само сакав да ги подвлечам класните разлики што дејствуваат немилосрдно во активирањето на врескачите... што индиректно е и причина за тоа што на многу овци им ги сечат и палат јазиците. Но, не ме прекинувај. Некои овци бегајќи од градските џелати се собрале во срцето на Големиот град. Се скриле во циркус сличен на нашиот, со сличен Кловн и слични Деца од Гума, и се преправале дека се јарци. (кикотење) Изненадувачки, луѓето ги прифатиле како јарци и биле суперфини со нив. Им кажувале мрсни вицови, играле пинг-понг, долга магарица и слично, „нирвана“ ќе си помислиш. Тогаш овците откриле дека јарците во тој циркус се наменети за колење, но веќе било предоцна... Единствениот овен што извадил жива глава се вовлекол во некое аристократско семејство и лека-полека дотуркал до градоначалник. Кога неговиот врескач се смирил, нему почнало да му смета одвратното врескање што доаѓало од околните села и уште повеќе го засилил изнаоѓањето на кутрите овчички и сечењето на нивните јазици. Снимена е и серија за тоа, мислам во Венецуела. Оценета е како крајно нихилистичка, но јас би рекол дека е само песимистичка. (шепот, се слуша: Марионети, ти викам!)

Д.Ј.: Звучиш како полуобразуван комунистички дух, но сеедно, ми се допаѓа тоа. Ме потсетува помалку на прикаската за нашиот Брус Ли. (уште погласен шепот, кикотење)

Л.Ј.: О, јарецу мој свет, и тоа во вистинскиот  миг! Тој токму што влезе во шаторот... (се крева галама, проследена со кикотење) Но, дами и господа, не се возбудувајте; не се обидуваме да ви кажеме дека Кинезот во ќошот е оној Брус Ли, филмската ѕвезда...

Д.Ј.: Исто име, сличен изглед, но тоа е сепак само еден обичен Кинез што работел 20 часа на ден со години по ред за да стигне до таму каде што е денес; уште еден пример зошто бесцаринските зони во Кина не се туморот што господата Златни Заби сакаат да ви го претстават...

 

 

Л.Ј: Да, се родил еднаш одамна Брус Ли, и тоа баш кога во Хонг Конг жарел и палел оној Брус Ли, и си рекол, „Кога ќе пораснам, сакам да бидам како него.“ Селото, секако, немало сфаќање за овие негови желби (всушност, селото немало ама баш ништо, но за тоа не смеат да се обвинуваат господата во партијата) по што малиот Брус Ли посакал да се пресели во Големиот Град. Преселбата била се само не лесна, што со неколкуте тигрести змееви што му се испречиле по пат, што со племето нинџи човекојадци што ставиле потерница по неговата глава. (кикотење, се слуша: Удри Брус Ли!) Конечно, од една во друга борба, од едно до друго работно место, Брус Ли станал камен човек и партијата го посакала за себе. „Ако го впрегнеме овега, далеку ќе доораме“, горд на својата земја, изјавил еден висок функционер. И вистина, со Брус Ли место коњ, нивите се средиле, се изградиле патишта, дошле инвестиции, девојките почнале да се шминкаат, атомските бомби светнале... Додека да зинеш, Брус Ли пораснал да биде како Брус Ли. Од ситен селанец до главен фраер...

Д.Ј.: Па, речиси главен фраер, во секој случај. Не можеш да кажеш дека вози крај Каубоецот, нели?

Л.Ј.: Касни со поаѓањето, а деновиве и активно го успоруваат. Вчера, дали за виц, дали сериозно, Каубоецот сред муабет му извади пиштол на Брус и го држеше така на нишан некои 5 минути. Требаше да ги видиш. Каубоецот, полн со самодоверба, зборува за лековитоста на големото Американско Црно Море и каска кон сонцето, а другиот стои на трамболина и мирно молчи, го чека моментот кога ќе забие стапало во лицето на својот соговорник... (се слуша: Абе кога ќе завршат овие?)

Д.Ј.: Знаеш ли дека Брус Ли има инвестирано прилично во развој на пазарот за клонирање? Би помислил дека сака да направи армија свои дупликати со кои би го убил Господ, но јас мислам дека тој само има нос за бизнис. Носиште, всушност. Архитектура, автомобилска индустрија, ретко да има област во која нема инвестирано. Мислам дека негови отпечатоци ќе најдеш и по цел Шензу... Одвреме-навреме, тогаш кога нема да можеш да го видиш во радиус на Каубоецот, тој ќе се пресоблече набрзина во нешто посвечено, ќе тркне до некој бал во чест на тоа-и-тоа, ќе ги покаже своите танчерски вештини, ќе фрли алигатор врз некого, и за крај, победнички ќе се насмее (со своите суперсјајни Крелм заби, секако). Те потсетува тоа на некого?

Л.Ј.: На Партизанот, но не одиме натаму засега... Да му се повосхитуваме уште малку на големиот Брус – да ни расте голем и убав и да ни прости за сите глупости на Кловнот (сепак, и самиот вели, „Ништо не е трошење на време ако мудро го искористиме стекнатото искуство“). Живели во негово име... (шепот)

Д.Ј: Да, живели... Кога сме кај Кловнот: вчера по претставата, тој отишол кај Гатачката. Сакал да види дали ќе продолжиме да дрдориме за Допелгангер и нештата што се одвиваат во него (се кладам дека приказната за врескачите малку го опушти, тамам за она што следи)... Туку, Гатачката му кажала нешто сосема друго. Ладнокрвна каква што е, плеснала неколку пати над куглата, прошептела пар унгарски зборови и оп, видела дека преку ноќ ќе му пораснат уште две глави. Кловнот прво се вкочанил, па почнал да мафта со прстот, „За тебе само октопод, госпоѓице, да ти ги јаде мачките по куќа!“ Си отишол Кловнот дома, нафрлил ноќна маска преку лице, прочитал пар страни од Циркуски вести, и на крај, легнал во кревет со две пушки вперени кон неговите рамења. (смеа во публиката)

Л.Ј.: Гатачката лично ни го кажа сево ова, а таа секогаш-секогаш кажува вистина, освен кога Кловнот ја моли за услуга. Што и да ви каже некој од циркузантите за неа, и каква лакомо свирепа шега да ви спуштат во уши, Гатачката е срце: ако сте добри со неа, таа ќе биде прекрасна со вас. Замислете си го тоа, вие ја сретнувате, и таа знае се какви лоши работи ќе направите или ќе ви направат во животот (затоа што секој прави по нешто лошо, никој не е Чак Норис), но место да ве осуди однапред, како што многу други видовити обично прават, таа останува фер и ви враќа реципрочно за се.

Д.Ј.: Пред да дојдеме во оваа земја, во овој град, се улогоривме за два дена во една борова шума. На крајот од вториот ден, Кловнот не седна сите, речиси цел Допелгангер, околу шаторчето на Гатачката, да видиме дека „Се ќе биде суперишка по патот со сонцето“... И седнавме... Беше студеникава летна вечер нешто пред полноќ; ѕвездите блештеа толку силно, што мислиш очи ќе ти извадат, иако во близина имаше логорски оган што нормално би требало да ги крие од нас. Децата од Гума, секако, не можеа да се додржат во место – претходниот ден го имаа откриено Паоло Куељо и сега на сите им збореа дека како ликови од „Алхемичарот“ ние тргнуваме на едно патешествие кое само ќе не заврти во круг. За момент беа и слатки, речиси вистински дечиња, така топло насмеани во лицето на логорскиот оган. Мечката, од друга страна, дремеше со отворени очи; ни кажа подоцна дека сонувала за некоја земја прекриена целосно со снег и карирани шубари и дека во таа земја таа – некогаш обична циркуска мечка – стоела силно и исправено над сите граѓани, вистинска снежна кралица. Веднаш до заспаната Мечка, Џуџето местеше жила на чаталот од баобаб што му го пратило џуџе од некој друг циркус... И така натаму, да не ги редам по ред од Камшикарот и Расипаната Судијка до Двоглавиот Јаким и Марула Помпиду. Тогаш, на неколку секунди пред Гатачката да излезе од нејзиниот транс, се слушна страшен гром од одаите на Допелгангер, и наеднаш, огнот се изгаси... (шепот во публиката)

Л.Ј.: „Да не писнал никој“, свика Гатачката, „Мермерните богови зборуваат.“ Децата мртви ладни, веднаш свикаа, „А да им кажеш да ни го запалат огнот? Прст пред око не се гледа.“ (кикотење, се слуша: Е доста ми е, одам да запалам цигара...)

Д.Ј.: Огнот веднаш се распали и посилно од претходно. Децата се стеснаа заедно пред розевите чевли на Кловнот кој, од друга страна, само погледна на саатот и зевна. На Гатачката како да и светнаа очите кога почна, „Мермерните богови велат, патот пред вас ве влече нагоре, ве понесува во спирала. На крајот ќе ви се чини дека сте свртиле во круг, но положбата нема да ви биде иста затоа што вие ќе бидете сите до еден значително променети, ваши сопствени двојници – огледалци! Секако, на Допелгангер не му се допаѓа таквата промена; тој си сака еквилибриум, и бара да му се принесе жртва, не премногу блага, не премногу солена, за да допушти било какво изместување на вашите темели. Ако не се послуша гласот на Допелгангер, ѕвездите од небесниот свод, сите до една, ќе се срушат врз вас и дури тогаш ќе ви покажат што значи вечна болка без надеж за било каква промена. Оваа мизерија за која сега плачете и кукате не е ништо поголема од онаа на вашата публика додека ве гледа вас. Тоа е се што Мермерните богови имаа да кажат.“

Л.Ј.: Настана тишина. Камшикарот се сврте полека кон нас и шепна, „Абе вие сфативте што сака да каже бабава?“ Кловнот уште еднаш погледна на саатот и незаинтересирано и свика, „Што? Мермерните богови викаат дека сме до толку лоши, што нашата публика пати? Ма нека се носат у Тринидад и Тобаго...“ Кога го видоа така засилен, децата веднаш се исправија пред него и им свикаа на сите околу во знак на поддршка. Гатачката само проц’цка, „Тоа е се што имам да ви кажам, вие сакајте слушајте, сакате не. Како и да е, мрш од пред мојот шатор, сакам да се наспијам на раат.“

Д.Ј.: Но, не сите го откачија предвидувањето на Гатачката како шугава навреда. Ако веќе мора да му се принесе жртва на Допелгангер, нека биде! Сепак, Гатачката не лаже. Но, што би била жртвата во тој случај... или уште пострашно: кој? Овците што се преправаат во јарци? И понатаму, кога да се принесе жртвата? Ако вчера и завчера тоа не го направиле, што останува за денес или за следните денови?

Л.Ј.: Блеее... Нешто ми кажува дека ова не е прв пат да се жртвува нешто за Допелгангер... Бле... Дали ќе паднеме или ќе не бутнат?