пајак  
 
 
 
 

 

По завесата лазеше пајак
од оние тенките што кога ќе умрат стануваат прашина
И и реков:
„По завесата лази пајак.“
Таа се наведна над кадата и се насмеа.
„Ако.“
Не е ако.
Набрав тоалет хартија во рака
и го смачкав чудото.
„До кога ќе бидеш на работа денес?“
Не и одговорив.
Додека бранови го голтаа хартиениот сандак
некаде длабоко во канализацијата
јас станував прашина.