Елена Велјановска за “Улица Скопска“  
g
 

 

Улицата Скопска, некогашна главна артерија на градот Скопје (денес во должина од само 100 метри), е лајтмотивот на оваа изложба. Преку една фотографија на Aна Јакимска, член на НМП, ги гледаме остатоците од тој некогашен стар дел на градот сега испреплетен со новата урбана, пост-земјотресна архитектура. Таа го пресекува градот на два дела и создава нова урбана структура, а притоа оставајќи по некоја видлива трага од стариот дел. Оваа изложба се обидува да претстави една нова група на уметници и да ги забележи промените на градот коишто се случуваат денес, а кои во некое идно време ќе бидат дел од една веќе мината урбана култура.

Трагите коишто авторите ги оставаат зад себе делувајќи во јавниот простор, го менуваат ликот на градот и визуелната култура на неговите минувачи. Искористувајќи го тој простор како свој, ослободени од стегите и правилата коишто ги наметнува галерискиот простор, создаваат свои правила на игра и своја насока на развој. На овој начин се создаваат “паралелни галерии“, кои со својата вредност не заостануваат зад понудата од просторите наменети за промовирање на тековните уметнички струења. На тој начин градот станува “галерија“ отворена за секого. Вдомувањето на овој тип на уметничко делување, сеуште создава двоумење кај голем дел од авторите и критката, но сепак, праксата покажува дека и тоа е неминовен процес во етаблирањето на една културна појава. Токму во овој простор на делување, најмногу се гледа работата на авторите од групата НМП, коишто со своите различни пристапи, веќе три години разнесуваат знаци по реалното и виртуелно Скопје. Групното делување е феномен којшто најчесто ги зафаќа помладите генерации, и се поставува како алтернатива на веќе утврдените социјални и естетски норми и критериуми. Овој начин на делување, досега се покажал како инспиративен и движечки за етаблирање поинакви естетски вредности. Потребата и свесноста за групирање на луѓе со слични сфаќања, неминовно предизвикува промени. НМП е сеуште млада група и е рано да се предвиди нејзината иднина. Но во моментов, со начинот на којшто делува, таа апсорбира повеќе индивидуални енергии и начини на изразување. НМП е пресек на тенденциите на една генерација којашто во моментов го оформува својот визуелен и аудио израз. Идејата за реализирање на оваа изложба потекнува токму од потребата за навремено следење и архивирање на овие промени, а поддршката е со цел да се посочи тоа делување на поголем аудиоториум.

Точка на обединување е оваа изложба која ќе се случи на две локации во ист ден. Овие локации избрани за изложбата, имаат различна поставеност во јадрото на градот. Првата ( Press to Exit Project Space ) исфрлена пред очите на минувачите во најдинамичниот дел на градот, а другата (Отворено графичко студио - Музеј на град Скопје) затскриена зад симболот на старо Скопје, го заокружуваат најфрекфентното урбано градско јадро. Нивната местоположба и физички карактеристики наметнуваат поинаква атмосфера на двете локации, во кои се претставени автори со различни сензибилитети. Тие го претставуваат “лицето“ и “опачината“ на градот, реалното и имагинарното, и претставуваат спој на аудио визуелното доживување на двата простори.

Елена Велјановска