Потрагата по Мудрите Јарци продолжува! Како што можеби знаете, пред извесно време во нашиот град гостуваше светски познатиот циркус Допелгангер чии главни ѕвезди, двата јарци што играат шах и дискутираат философија, исчезнаа по седмиот ден од настапите. НМП се приклучува во потрагата по овие два извонредни примероци со објавување на дел од нивниот дневник, воден за време на седумте дена пред нивното мистериозно исчезнување. Нагласуваме: овој дневник е објавен само со цел да им се овозможи подобар увид на посетителите на овој сајт каде јарците би можеле да бидат и на тој начин да им се помогне во потрагата. Следи богата награда за пронаоѓачот!